ПОМОГНЕТЕ ИМ НА БЕЗДОМНИТЕ КУЧИЊА И МАЧКИ ВО ЛЕТНИТЕ ЖЕШТИНИ!!

Дајте им вода, направете им сенка, не ја вртите главата, помогнете им

Летните тропски температури во нашата земја се засилуваат. Температурата измерена во сенката е над 35 степени Целзиусови. Ова е голем проблем и за луѓето и за животните. Улиците на нашите градови и местата каде што живееме се и живеалишта на многу бездомни кучиња и мачки кои немаат сопственици. Тие немаат никаква шанса без наша помош да ги преживеат летните жештини.

Дали сте се запрашале како напуштените животни се разладуваат, дали имаат доволно вода, сенка, каде ќе се засолнат од пеколните надворешни температури, или кога последен пат имале храна. Не ја вртете главата од нив туку со малку волја и минимални средства помогнете им да го преживеат летото.

Секоја година во летниот период кога надворешните температури се искачуваат и до 40 степени ние наоѓаме начини да се заштитиме, да се разладуваме, времето да го поминуваме во климатизирани простори, но на вжештениот асфалт, многупати сме сведоци дека може да се пече јајце. Што се случува со животните на улиците за кои никој не се грижи?

Напуштените животни во летна агонија

Поснаодливите напуштени кучуња и мачки понекогаш пијат вода од јавните чешми низ градот кои ги нема многу, но честопати граѓаните ги бркаат и ги удираат, без да размислат дека и тие се жедни. Ако не сакате да пиеме од иста чешма тогаш земете некаков сад, или импровизирајте, и ставете им вода и тие да се напијат и да се разладат. Не заборавајте дека бездомните, напуштени животни се наши сожители и дека живеат покрај нас и имаат иста потреба за вода.

Кучињата бараат некоја сенка под дрво, под настрешница на автобуска постојка или под некое ѕидче. Тие се обидуваат да најдат сенката и пред зградите каде што живееме, во влезовите или туѓите дворови. Не ги бркајте нашите четириножни, крзнени напуштени сожители, помогнете им.

Напуштените бездомни животни пијат вода и од фонтаните и понекогаш влегуваат во водата за да се разладат. Влегуваат, стануваат, излегуваат, и продолжуваат безнадежно да талкаат по жешкиот асфалт. Тие се најсреќни кога ќе дувне ветре и ќе се разладат. За нив еден жежок ден е како една година и чекаат сонцето да зајде за да можат да се одморат.

Како можеме да им помогнеме?

Ставете поголеми садови со вода пред влезот во вашата зграда, куќа или двор. Ставете садови со вода на некое ѕидче или ограда за да можат да пијат вода и мачките па и некоја жедна птица. Садовите со вода ставете ги во сенка или во некое ќоше каде што не допира сонце. Водата менувајте ја секогаш кога ќе можете и мотивирајте го семејството и соседите и тие да го прават истото.

Договорете се со соседите во најтоплите периоди во денот да ја отворат вратата од влезот за да можат напуштените кучиња и мачки да се засолнат од жештината и сонцето. Едноставно замолете ги соседите да имаат сожалување и одговорност кон нашите напуштените четириножни сожители. Ако се потрудите можете да им направите и импровизирана сенка од ткаенина, картонска кутија или пак од некоја падната гранка или тенка шперплоча.

ЗАПОМНЕТЕ Летната жештина е кобна за бездомните кучиња и мачки како и за домшните миленичиња во дворовите. Немаат систем за потење и нивниот организм не може да се разлади без наша помош. Затоа да им помогнеме бидејки не можат да опстанат без наша помош.

Нека се разбуди емпатијата и хуманоста во сите! Така стануваме подобри луѓе во сите сегменти на живеењето.

Тропските температури во лето се многу поопасни за кучињата и за мачките отколку за луѓето, бидејки милениците немаат систем за ладење на организмот и телото, па многу е важно да им пружиме прва помош при топлотен удар и сончаница, бидејки тоа е пресудно дали ќе преживеат без последици.

Повеќе совети за прва помош при топлотен удар и сончаница кај кучињата прочитајте повеќе тука.

 

Имаш прашање, критика или сугестија? Кликни на копчето и вклучи се во дискусијата на нашата ФБ страна!