НИК

Не знам од каде да почнам: дали од среќата што го имав Ник или од тагата и болката што повеќе не е со мене?! Не знам дали многумина ме разбираат, соживуваат со мене или си мислат во себе дека не сум нормална што плачам и тагувам по мојот миленик, но искрено не ми е ни гајле. Иако љубовта и болката за најблиските луѓе е немерлива, за мене и оваа болка е иста- како за најблизок член на семејството. Единствено што знам дека тој ми го смени животот, ми донесе неописива радост и среќа, ми даваше сила, беше моја енергија и за него ништо не ми беше тешко ниту невозможно. Врската меѓу мене и Ник беше посебна. Тој ми зборуваше со поглед. Се галевме и гушкавме. Тој беше “син на мајка”. Жалам, плачам и тагувам по него од дното на мојата душа, нема ден да не го спомнам, а не ретко и ги бакнувам неговите фотографии. Имам вдомено уште три кучиња: Меда, Дони и Лола, но ниту едно од нив не може него да ми го замени. Ниту пак мојата мачка Луна, која до доаѓањето на Ник ми беше единствена љубов. Сега токму таа, секојдневно ме потсеќа на него. Зошто таа му беше “другарка”.

Мислам дека, ако ја раскажам целата наша приказна, на Ник и мојата, тоа ќе биде негов вечен ИН МЕМОРИАМ, и ќе ми олесни на душата, а воедно тоа ќе биде негов вечен спомен. Но, тешко се раскажува се што е доживеано. А би можела за тоа цел роман да напишам.

Сега, една година потоа, болката е иста, но се научив да живеам со неа (како и со другите кои низ животот ми се случија) Тагата не поминува. Негови слики секаде околу мене. Ми недостига како воздух. Сега се тешам дека имал среќа што го нашол сим ми и што не завршил на улица. Беше негуван и бескрајно сакан. И јас со него имав уште повеќе среќа. Ми даде нова димензија во животот, љубов која не се опишува… (можат да ме разберат само оние кои поминале низ ваква болка по своето милениче). Сега времето го мерам според Ник, со него и по него. А после него, ништо повеќе не е исто.

НИК, АНГЕЛУ МОЈ, ТЕ САКАМ ДО НЕБОТО И НАЗАД!

Имаш прашање, критика или сугестија? Кликни на копчето и вклучи се во дискусијата на нашата ФБ страна!