Кучињата помагаат во лекување на депресија и стрес

Миленичињата и менталното здравје на луѓето

Милениците, според научната јавност имаат непроценлива важност за менталното здравје на човек кој има проблеми со анкциозност, депресија и стрес. Клучот за позитивните терапевтски ефекти за менталното здравје на луѓето е токму во меѓусебниот однос со животните. Тие се лек за нашата душа.

Терапија со помош на животни дава одлични резултати во третманот на депресија, стрес и анксиозност. Контактот со крзнените пријателчиња ја враќа самодовербата, чувството на сигурност, мотивира и потсетува на важноста да се грижите за другите но и за себе, како и за целокупниот баланс на нашето психо-физичко здравје.

Миленичињата кај нас будат нежни чувства и мисли дека сме навистина важни за некој. Маската што ја имаме пред другите луѓе исчезнува пред животните, бидејќи ние не треба нив да ги фасцинираме. Доволно е да им обрнеме внимание, да им покажеме нежност, а тие инстинктивно ни враќаат со многу љубов.

Ова е особено важно за луѓето кои го поминуваат поголемиот дел од своето време во четири ѕида, изолирани од општествениот живот, и кои се многу ограничени во контакт со луѓе. Милениците се постојано физички присутни и често ги одвраќаат сопстнениците од лоши мисли, вознемирувачки искуства, дури и самоубиствени нагони.

Миленикот влијае смирувачки

Физичкото присуство и близината на домашните миленици позитивно влијаат на нивните сопственици. Експертите укажуваат на терапевтскиот ефект на домашните миленици врз луѓето кои се наоѓаат во анксиозна состојба, депресија и со некакво оштетување на психата.

Во друштво на куче сопственикот или членови на семејство се чувствуваат смирено и спокојно, особено во услови на зголемена емотивна реакција. Според некои студии, кучињата може да ги намалат симптомите и до 80% кај луѓе со трауматски искуства, вклучувајќи ги и пострауматските тешкоти и синдроми.

Домашното милениче дава и емотивна подршка

Ако не сакате да бидете сами, миленичињата се одлично друштво. Животните честопати се и многу интуитивни, па кога ќе почувствуваат дека сте осамени и депресивни нема да ве остават да се изолирате. Тие се добри слушатели, па пред нив можете да си ја олесните душата и да си кажете се што ве мачи, без страв од осуда. Освен ова парковите за кучиња се места каде што имате можност за дружење со други луѓе а и вашиот миленик ќе биде задоволен од дружба со други кучиња.

Кучето ве мотивира да се движите

Да се има домашен миленик значи посветеност, грижа и обврска на долг рок. Кучињата бараат да воспоставите структура и рутина која ќе ве поттикне на акција и кога ќе бидете нерасположени, повлечени во себе и пасивни.

Кога едно лице е депресирано, дури и станувањето од кревет може да му претставува голем напор. Но одговорноста и грижата за домашно милениче може да биде доволно моќен мотив за една личност да се придвижи и да се активира.

Галење на милениче го ублажува стресот

Кога галите животно бидете сигурни дека за кусо време ќе се ослободите од напнатоста и стресот. Кога ги гледате или ги допирате крзнените пријателчиња, нивната топлина и дишење има релаксирачки ефект, а окситоцинот кој се лачи тогаш ви го намалува крвниот притисок но и нивото на кортизол – хормонот на стресот. Дружењето и играњето со милениче ви овозможува да се фокусирате на тековниот момент, наместо да се враќате во минатото или да се грижите за иднината.

Кучињата ве сакаат безусловно

Во моментот кога вашето милениче ќе ве здогледа на врата и ќе ви се израдува, веднаш ви го зголемува расположението и автоматски вие се насмевнувате. На вашето домашно милениче не му е гајле дали сте уморни и напнати од работата или сте паднале на испит или пак нешто непријатно ви се случило дента. Кучето само сака да биде со вас, да го сакате и тоа да ве сака безусловно.

Разговорот со домашните миленици го подобрува и менталното здравје на луѓето. Така оние кои никогаш не чувале домашен миленик, според научните сознанија биле изложени на 40 отсто поголем ризик од срцев удар од на пример сопствениците на мачки и кучиња.

Посебно е констатирано дека сопствениците на кучиња имаат поголеми шанси да преживеат по срцев удар. За влијанието на кучето врз менталното здравје на човекот прочитајте повеќе тука

Имаш прашање, критика или сугестија? Кликни на копчето и вклучи се во дискусијата на нашата ФБ страна!