Какви сигнали ни даваат кучињата!?

Сигналите што ни ги даваат кучињата треба да бидат знак дали треба да смениме нешто во пристапот, да му помогнеме на кучето и на време да избегнеме конфликт. Со многу трпение и љубов но и внимателно набљудување и разбирање на сигналите што ни ги праќа преку однесувањето, на кучето можеме да му помогнеме и кога се работи за физички малтретирано куче но и за анкциозност кај миленикот.

Запомнете дека кучето не треба да го присилуваме и да го ставаме во ситуации и средина од која се плаши. Кога кај него ќе забележиме стрес и страв треба веднаш да го оддалечиме од таа средина.

Говор на телото

Комуникацијата на кучињата со луѓето е невербална, и се состои од цел спектар на различни реакции, почнувајки од говорот на телото на кучето со очите, устата, ушите, главата, телото, и опашката. Кучето е како сложувалка, и дури кога ќе ги склопиме поединечните делови на истата во една целина, можеме правилно да го протолкуваме она што ни го порачува и ни го кажува нашиот миленик.

Но секогаш треба да ги имаме во обзир внатрешните активности (хормони) и надворешните влијанија на животната средина и човекот. Значи, едно и истото однесување во две различни ситуации може да има различно значења, бидејќи кога го толкуваме однесувањето, никогаш не смееме да го игнорираме контекстот, причината и последицата.

Сигналите што ни ги покажува кучето се универзален невербален јазик што го поседуваат сите видови животни, со специфични разлики, во зависност од видот на кој припаѓаат.

Најчести сигнали кои треба да ги препознаеме и дешифрираме се:

Вртење на главата на една страна

Ова може да биде едвај забележливо, или може да биде посилно вртење на главата. Кучето може да ја врати главата во првобитната положба, или да остане во поза со свртена глава.

Целта на ова движење на кучето е да се смири ситуацијата и општата тензија. Ако кучето гледа на страна или ако не ја врти главата , ваквиот сигнал го има истото значење, се обидува да ја смири настанатата, за него непријатна ситуација.

Вртење со грб

Ова е многу смирувачко и пријателско движење. Ниту едно животно нема да ви сврти грб ако нема доверба во вас, и ако знае дека може да биде нападнато. Исто така, вртењето грб на куче е сигнал дека миленикот не сака конфликти.

Ова е многу моќен и јасен сигнал , посебно кон друго куче и покажува дека е свесно движење и дека кучето не сака и не е заинтересирано да има конфликт со друго куче во близина.

Лижење на носот

Кога кучето со јазикот си го лиже носот е сигнал дека се чувствуваат непријатно или несигурно. Ова е знак дека треба да го прекинеме она што го правиме.

Вкочанет став на телото

Ова се случува кога на вашиот миленик наеднаш му приоѓа многу поголемо куче, и почнива да го мириса по телото. Ова е знак дека кучето се плаши и чувствува голем стрес, но во исто време тоа е обид да се ослободи од натрапникот.

Забавено одење и движење

Овие движења може да бидат толку забавени што ни се чини дека кучето дури и не се движи. Ова обично се случува веднаш штом кучето ќе забележи друго куче дури и на голема далечина, иако во моментот си игра или околу него има различни настани.

Ова е сигнал со кој што кучето ни покажува дека сака да ја смири целата ситуација.

Седечка положба

Ова може да биде придружено со вртење на грб и седнување на кучето, кога му приоѓа друго куче. Овие движења на кучето се сигнал дека тоа не е сигурно во намерата на другото куче, и сака да му порача дека нема намера да му се заканува.

Легната положба

Има две позиции – на грб и на стомак – Ако кучето лежи на земја на грбот, покажувајќи си го стомакот и гениталиите е знак на подреденост. Но, ако кучето легне на стомак, ова е знак за смирување на ситуацијата.

Ова често се случува кај кученцата, ако играта станува груба, и едно од кутрињата одеднаш ја прекинува играта и легнува. Ова е сигнал дека играта прекинува.

Исто така, ова е сигнал и покажува дека кутрето е уморно од играње или интеракција со други кучиња, и со легнување на земја, го сигнализира крајот на играта. Слично, ова однесување се манифестира и кај поплашливите и несигурните кучиња кога се во друштво со други непознати кучиња.

Зевање

Ова е еден од најчестите знаци на стрес кај куче, и обид да се ослободи од напнатоста. Ако кучето зева кога не му е време за спиење, тогаш тоа е знак дека неговото опкружување и дриштво во кое се наоѓа не му е по волја

Душкање на тлото и околината

Ова може да биде само кратко душкање, и нагло подигање на главата, со неколку повторувања, или кучето може и по неколку минути да се задржи со муцката долу постојано душкајки нешто.

Нагло душкање се случува кога кучето ќе се најде во непозната средина и ситуација, кога му приоѓа непознат човек или друго куче.

Мавтање со опашка

Ова движење на кучето не е секогаш пријателски сигнал. Кучињата ја мавтаат опашката и кога се агресивни како и кога се плашат, само интензитетот на мавтање е различен како и нивното движење.

Мавтањето со опашката има и друго значење како сигнал дека кучето е пријателски настроено и не сака конфликт, односно викање и лутина од сопственикот или од други лица во околината. Затоа внимателно набљудувајте го миленикот за да разберете што сака да ви каже со движењето.

Кога вашето куче нежно ве лиже најчесто на раце и весело мрда со опашка и тело, тогаш тоа со сигурност ви кажува дека ве сака и ви е приврзано и верно. Исто така, постои уште еден многу јасен знак на љубов што многумина не го знаат. Тоа е кога кучето ќе легне и ќе се испружи пред вас иако не е изморено и поспано.

Тоа е врв на искажување на љубов на куче кон сопственик. Оваа постапка на кучето е јасен знак дека искрено ве сака. За тоа кои се знаците на кучето дека искрено ве сака прочитајте повеќе тука.

Имаш прашање, критика или сугестија? Кликни на копчето и вклучи се во дискусијата на нашата ФБ страна!