И кучињата може да ни се налутат

Кучињата подобро ја контролираат лутината, луѓето се понервозни

Кучињата покрај позитивните особини и целата љубов и приврзаност кои ни ги даруваат, тие понекогаш умеат и да се налутат. Сепак, лутината како негативна емоција кучињата подобро и поефикасно ја контролираат од луѓето. Затоа куче што е луто многу ретко се гледа.

Причината за ова веројатно лежи во фактот дека кучињата со човекот се дружат и живеат илјадници години, па многу од работите кои ги нервираат во нашето однесување се научиле да ги толерираат

Експертите кои се занимаваат со однесувањето на животните велат дека кучето најчесто се лути на мали деца кои во игра ги тргаат за уши или опашка, прават брзи и невообичаени движења со кои ги плашат или удираат кучињата, ги боцкаат во очи или сакаат да ги јавнат.

Дури и тогаш кучињата ретко ќе реагираат иако се лути. Кучето во таква ситуација најчесто ќе се тргне и на таков начин ќе ја покаже лутината. Најлоша варијанта е кога кучето ќе залае. И ова е уште еден позитивен пример дека кучињата треба да ги земеме за пример, како поефикасно да си ги контролираме сопствените негативни емоции и реакции кога сме лути на некого или на нешто.

 

Куче и дете

Научниците велат дека со повеќе децениските истражувања утврдиле дека кучето е на ментално ниво како дете од две до две и пол години. Во овој факт е клучот на разбирањето на менталните способности на кучињата и нивниот емоционален развој. Само гледајте и анализирајте дете на таа возраст и ќе ви биде многу појасно како функционира вашето куче.

Кучињата на четири до шест месеци го чувствуваат целиот спектар на емоции кои се карактеристични за нивниот вид. Ова значи дека во текот на животот ќе ги чувствуваат емоциите како на децата од две и пол години, а тоа се: радост, страв, лутина, гадење и љубов.

Овие примарни емоции кај кучињата им помагаат за да опстанат во животот.

 

Ретко гризат кога се лути

Кога кучето е луто, и ако ние го предизвикуваме до крајните граници на неговото трпение и толеранција, само тогаш тоа ќе изреагира и ќе гризне. Сепак, американските експерти, лекарите и ветеринарите се согласуваат дека е фасцинантно колку ретко налутео куче ќе касне човек.

Во САД секој ден, околу 113 милиони луѓе имаат некој вид на интеракција со кучиња- миленичиња или работаат со нив. Процентот на каснување е само 0,1 отсто. Кај нас нема вакви истражувања или статистики па затоа предрасудите и антагонизмот кон кучињата ескалираат во несакан правец.

Форми на лутина

Поблагите форми на гнев се нарекуваат иритација или фрустрација, а екстремен облик на гнев е бесот, но тие се сите варијации на истото чувство – ЛУТИНА. Лутината го подготвува телото, вклучувајќи го и мозокот, за акција, особено за нападот, борбата.

Овој механизам постои од постанокот на светот и им овозможувал на луѓето и животните да преживеат. Бидејќи лутината кај нас влијае и на физичко ниво, луѓето тешко можат да се воздржат и да одолеат па кршат нешто или удираат во предмети и луѓе кога се многу бесни.

Кучињата, сепак, кога се лути нема да гризнат никого или да го повредат, а најчесто лутината ја изразуваат преку лаење, тргање од поводникот, се валкаат по земја само за да се ослободат од лутината и да се смират.

Лутина не е агресија

Експертите истакнуваат дека агресијата и лутината не треба да се мешаат, бидејќи гневот е емоции, а агресијата е акција. Иако лутина може да биде причина за агресивно однесување, американски експерти за однесување на животни укажуваат дека 80 проценти од кучињата покажуваат агресивно несакано однесување – напад или каснување како резултат на страв, а не поради лутина или гнев.

Често изговорените реченици дена ,,Моето куче не знае да гризе,, или пак ,,Што и да му сториш на моето куче нема да те касни, се неточни и произволни. Треба да знаеме дека како и луѓето така и кучињата имаат ниво на толеранција која мораме да ја почитуваме.

Најчест превид кои го прават луѓето е дека нашите четвороножни пријатели и миленици се живи суштества кои размислуваат, чувствуваат и се плашат исто како и ние.

Правило број еден е – никогаш не го оставајте вашето дете само, без надзор од возрасен, со било кое куче, дури и со оние најмалите, бидејки ако е предизвикано може да касне.  Повеќе совети за малите деца и кучињата прочитајте тука. 

 

Имаш прашање, критика или сугестија? Кликни на копчето и вклучи се во дискусијата на нашата ФБ страна!