ЗОШТО КУЧИЊАТА КОПААТ ДУПКИ ВО ЗЕМЈА ?

Кучињата се среќни да копаат дупки во тревникот, во градината, во полето, на песочна плажа или на кое било друго место. Ние често им се лутиме кога го прават тоа на нашиот тревник или цвеќе во нашата градина. Но, кучињата не копаат без причина!

Сопствениците и љубителите на кучиња секогаш се прашуваат зошто нивните крзнени пријателчиња неуморно копаат дупки во земја. Луѓето кои живеат во куќи знаат дека оваа активност на нивните миленици не е воопшто забавна, бидејќи кучињата знаат буквално да го прекопаат и издупчат целиот двор. Зошто кучињата копаат?

Закопување на храна

Еден од природните нагони на кучињата е да си го закопуваат вишокот на храна за подоцна евентуално ако им се пријаде. И кучињата кои имаат редовни оброци си ги закопуваат на пример добиените коски и остатоците од порцијата откако ќе се заситат. Ова ќе го спречите само ако на кучето му дадете онолку храна колку што му е потребна дента. Во спротивно ќе му проработи инстинктот да ископа дупка во дворот и да ја закопа храната, или некаде дома да ја сокрие и да си направи резерва.

Ловечки нагон

Ако во дворот имате кртови или полски глушец, копајки дупка кучето сака да си го улови својот плен. Во овој случај дворот буквално ќе ви личи на швајцарско сирење, дупка до дупка. На одредени раси на кучиња копањето им е во крв.На пример териерите и јазовичарите не можете да ги спречите да копаат дупки. Но потрудете се да ги спречите да копаат по туѓи дворови. На овие раси на кучиња секогаш им проработува ловечкиот инстинкт.

Јама за спиење

Копањето може да се толкува и како кучешки проект ,, сам свој мајстор,,. Кучето инстинктивно и буквално го гради своето живеалиште, место каде што повремено може да се повлече кога му е ладно, жешко или ако сака од нешто да се сокрие. Ако вашето куче ископа голема дупка во дворот, очигледно е дека нема соодветно легло. Креветот, мора да му биде удобен и безбеден.

Ако кучето го нема , тоа постапува како дивите кучиња и ќе си ископа дупка за спиење. Со ова ви порачува да му обезбедите куќичка со соодветен душек за спиење и лежење. Но некои кучиња иако ги имаат сите услови сепак копаат дупки во земјата и таму спијат. Во тој случај обезбедете ја дупката со покрив и странична заштита. Кога, пак, куче копа дупка за да се заштитат од надворешните високи температури во лето тогаш овозможете им да ги истуширате со чиста вода за да ги разладите.

Забава и ослободување од стрес и досада

Шепите на кучињата се дизајнирани за копање, па логично е да ги користат за тоа. Копањето честопати им е само забава иако на сопствениците тоа воошто не им е забавно. Копањето на кучињата им помага и да се ослободат од вишокот енергија и да се спасат од досада кога сопственикот не им обрнува доволно внимание. Копањето е и знак дека кучето е под стрес поради недоволната физичка активност.

Бегство од дворот

Понекогаш дворот на кучињата им станува претесен за движење и досаден па сака да го истражи светот надвор од неговите граници. Некои кучиња копаат дупки под оградата за да излезат надвор, да изедат нешто или да најдат некој поинтересен двор или пак ново друштво. Кога ќе им помине желбата за истражување тие си се враќаат дома.

Без разлика колку си ги сакаме кучињата миленици, неспорно е дека тие прават некои чудни работи кои се фрустрирачки за нас, па понекогаш и се срамиме од нивните постапки. Повеќе за чудните работи што ги прават кучињата прочитајте повеќе тука

 

Имаш прашање, критика или сугестија? Кликни на копчето и вклучи се во дискусијата на нашата ФБ страна!